fbpx

Интервју со Стефан Аќимовиќ, ментор на академијата за Графички дизајн

Mar 29, 2024 | Новости | 0 comments

Стефан е нашиот ментор на академијата за Графички дизајн која е во тек, тој искусен и докажан сениор графички дизајнер, со локално и интернационално професионало искуство. Образованието го има има стекнато на данската академија за мултимедија дизајн и комуникации KEA, и веќе седум години, со полно работно време, работи во тој сектор.

  • Како што кажавме првата група на студенти на академијата предводена од тебе веќе има започнато со настава. Дали си задоволен од текот на наставата и посветеноста на студентите?

Да еве веќе го започнавме четвртиот месец од наставата. Јас искрено сум изненаден од генералната заинтересираност. Иако креативноста е талент, тој сепак е само 5% од целовкупниот успех. Останатото е работа на проекти, заинтересираност и посветеност. Многу ме радува фактот што студентите се редовни, исполнителни и со ентузијазам доаѓаат на предавањата.

  • Дали би можел да ни откриеш нешто подетално за програмата и за твојот пристап како ментор?

Програмата е предвидена и се водиме по концептот – Реално употребливо знаење – Реални проекти. Поделена е во 4 главни категории, Алатки за дизајн, Нивна примена, Реални проекти, Припрема на CV, портфолио и работа (freelance / on-site).
Алатките за дизајнирање се пакетот на Adobe, Photoshop, Illustrator, InDesign, After Effects, Premiere Pro. Припрема за работа вклучува UpWork и Google Web Designer.

  • Кој е твојот совет до сите сегашни и идни студенти за полесно совладување на материјалот?

За полесно совладување на материјалот слушајте го менторот. Шала на страна, колку и да има вистина во изјавата, на крајот од денот студентот е тој што одлучува колку ќе се посвети.
Мојата работа е целото мое знаење, успеси и неуспеси, да им го предадам за тие полесно да запливаат во овие води. Не велам дека е лесно, ама вреди.

  • Зашто ти се одлучи за кариера во полето на графичкиот дизајн и како ја започна?

Во семејната куќа сеуште стојат класери со мои скици и цртежи. Првата награди по дизајн ја освоив во прво одделение (ја памтам наградата за мојот цртеж, тоа беше ранче полно со училишен прибор и боички, донација од Тајван). Уште од најрана возраст знаев дека ќе работам во светот на дизајнот и креативноста, а за среќа графичкиот дизајн ја опфаќа токму таа област и поле во кое јас сум добар.

  • Зашто би ја препорачал оваа професија на други?

Би го препорачал графичкиот дизајн затоа што е алатка за комуникација и воедно многу барана струка во цел свет. Дизајнот е универзален јазик со кој можете да се разберете со сите луѓе на оваа планета, а дизајнерот е тој што добро го зборува тој јазик. Звучи добро, нели?