fbpx

Интервју со Ања Ристовска, ментор на академијата за Manual Software Testing

Mar 19, 2024 | Новости | 0 comments

Неодамна со предавања заврши втората група на студенти на Change Academy на Академијата за Manual Software Testing чиј ментор е Ања Ристовска – софтвер тестер и скрам мастер со 7 годишно искуство.

  1. Здраво Ања, под какви импресии си по завршувањето на две групи? Што имаш да кажеш за студентите и нивната посветеност? 

Пренесување на знаењето кое го стекнуваме во животот, посебно тоа научено преку практична работа, би рекла дека е нешто многу благородно. Многу често ја користам фразата која татко ми ми ја има повторувано многу во животот: Није знање знати, већ је знање, знање дати (се извинувам за српскиот, ама нема рима ако е на македонски кажана 😊). Тоа беше еден од главните мотиватори за мене како предавач, бидејќи секој учител е добар колку неговиот најслаб студент. И во двете групи имаше разноликост на студенти, од сите профили, возрасти и лични животни искуства. Едно нешто ги поврзуваше – желбата за професионален напредок и учење на нови вештини и алатки кои ќе им помогнат да запливаат во светот на ИТ. Секој студент имаше своја брзина на совладување на материјалот, зависно од модулите кои се изучуваа, па така за некого беше побрзо совладување на бази на податоци, додека кај други самиот процес на тестирање и прифаќање на QA mindset. Но преку работни задачи, менторирање, предизвици и меѓусебно помагање, го совладаа материјалот кој го работевме во програмата.

 

  1. Дали би можела да ни откриеш нешто подетално за програмата и текот на академијата? 

 Работење на QA mindset е во сржта на програмата – кои се прашањата кои треба да се постават при разгледување на корисничко побарување, комуникација со другите улоги во тимот, проценување на тасковите, оптимално тестирање…. Пред некој ден разговарав со CTO од една македонска ИТ компанија, и баш го споменавме тоа како една од најтешките работи да се пренесе на јуниор позиции (не само QA профили), комуникација со членови во тимот, работење со крајни рокови, разбирање на бизнис логиката и преземање на одговорност за квалитетот на софтверот кој се изработува.

Програмата е направена како комбинација на најдобрите практики според интернационално признаената ISTQB програма и моето искуство како QA во Scrum тим. Секој добар QA мора да ги познава основите на софтвер тестирање, тест техники, тест процеси и тест алатки, со цел да ја врши својата работа на најефективен начин. Но тоа не е целата слика во приказната. Колаборативно работење во тим е една од најважните работи при изработка на софтвер, а уште повеќе во Агилните методологии, каде QA се вклучени во процесот уште од самиот почеток на собирање на кориснички побарувања. Па покрај основите на тестирање, програмата вклучува и што значи работење во агилен тим, работа во спринт, разгледување на кориснички побарувања, релативна проценка на работа преку refinements и story points, креирање тестови пред да биде изработен софтверот, извршување на тестовите, креирање bug репорти и поминување низ целиот STLC, заклучно со креирање тест репорти. И за двете групи нај забавен дел беше игра која се прави во агилни тренинзи, и истата помага во разбирање на процесот на проценување на тежината на еден таск, тестирање, работење во тим, посветеноста на доставување на производ со бараниот квалитет и прилагодување на планот врз основа на наученото во следниот спринт. И секако по техничкиот дел, API, SQL и најчесто користени алатки за проектен и тест менаџмент, како Jira. За повеќе детали, можете да ја погледнете целосната програма на веб страната на академијата.

  1. Зошто одбра да предаваш во Change Academy?

Најпрво сакам да се заблагодарам на довербата која ја добив од академијата да бидам еден од нивните први предавачи. Во моето претходно искуство, имам држено многу тренинзи па искуството за обука го имав, но креирање на целосна програма и адаптирање на истата беше едно ново искуство за мене кое воедно беше наградувачко и еден голем предизвик. Како да се прилагоди материјалот за група на студенти со различни позадини, и во најголем дел, скоро никакво познавање за индустријата? Како да се креираат модули кои се најпрво едукативни, но интересни за учење? Кои се најважните работи кои треба да ги знае еден јуниор QA (тешко е да се сетиме на почетоците кога веќе сме во поискусна позиција)? Овие и многу други прашања требаше да ги одговорам, а од академијата ја добив поддршката и слободата за да создадам програма ќе биде добра за да се оформи добар иден QA кадар.

  1. Што би им порачала на идните студенти и на оние кои не се сигурни дали оваа академија е за нив?

Ask questions! Пред да се одлучите да се едуцирате на било која тема, поставете ги сите прашања кои ќе ви паднат на памет (дури и тие кои мислите дека се глупави прашања). Тоа е вистинскиот начин да дознаете дали оваа професија е за вас и дали ќе ја изучувате со желба (желбата е тоа што ќе ве одржи да одите понатаму кога ќе дојдете до препреки, а верувајте, ќе ги има).
Дали имате mindset на 3 годишно дете кое непрестајно прашува зошто и сака да научи што повеќе? Дали сте перфекционисти, но знаете кога да престанете да барате совршенство? Дали имате око за детали? Дали имате желба да откривате нови технологии? Дали сте организирани и добри комуникатори? Ако одговорите на овие прашања се да, тогаш ви ја препорачувам академијата за тестирање.

  1. Зошто Manual Software Testing е добра кариера? Што те привлече тебе да ја започнеш и зашто би ја препорачала на други?

Мојата приказна во оваа индустрија почна преку работа како специјалист за корисничка поддршка. Но таа улога вклучуваше и работење на кориснички побарувања на надградување на апликацијата и тестирање на истата пред да се пушти во употреба. Набргу сфатив дека тоа ми е многу повозбудливо од поддршка на клиенти, па се насочив кон тој дел, до целосно преминување во QA. Би рекла дека најинтересен дел ми е предвидување потенцијални проблеми или работни текови кои можат да предизвикаат крах на апликација, бидејќи QA не значи бесцелно кликање низ апликација, туку систематски пристап на предвидување на проблеми преку познавање на апликацијата за да знаеме каде можат истите да се појават. Ние сме амбасадорите на крајните корисници, ја познаваме бизнис логиката и нивните работни текови во апликацијата и ги пренесуваме во тимот кога се работи на некоја функционалност. И секако стремење кон квалитет, бидејќи тоа е главната состојка за успехот на секоја апликација. Во последната година една од главните теми е AI и многу често добивам прашање дали AI ќе го замени мануелното тестирање? Или, дали само automation QA ќе бидат присутни во иднина? Одговорот и на двете прашања е не. Ниту една алатка ниту вештачка интелигенција (барем во блиска иднина), не може да го замени човечкото резонирање и поврзување на функционалности за да се откријат потенцијални проблеми во апликацијата. Алатките се тука да ги автоматизираат најчестите работни текови или да помогнат во смислување на тестови, но човекот и неговото познавање секогаш ќе бидат потребни за решавање на комплексни проблеми.

     

    1. Кои се бенефитите од работење во ИТ компанија?

    Покрај сите добри страни кои се општо познати, како услови за работа и конкурентни бенефити, еден од моите најголеми двигатели е работење на предизвици, учење на нови вештини (како технички, така и меки вештини), и постојани промени кои ја прават работата интересна. Се работи на решавање на проблеми, учење нови алатки, соработка со луѓе со различни позадини и култури. И многу можности за напредок и пронаоѓање на работата која најмногу ве исполнува. Во 7 години имам променето 3 различни позиции кои во даден момент ме влечеле. Некогаш не знаеме дека некоја работа ни е пасија додека не ја видиме одблиску или искусиме. Дефинитивно there’s never a dull moment во оваа индустрија. И тоа ја прави уникатна.